Најголем месечен пад на цената на нафтата годинава

На светските берзи цените на нафтата паднаа минатата недела, вторпат по ред, а во цел мај забележаа најголем месечен пад годинава бидејќи глобалната побарувачка не е толку силна како што се надеваа трговците. На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 0,6 отсто, на 81,62 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1 отсто, на 76,99 долари. Во текот на целиот мај цената на барелот на лондонскиот пазар падна за околу 7 отсто, а на американскиот за околу 6 отсто, што е нивна најголема месечна загуба оваа година.

Ова е најмногу последица на пораките од американската централна банка дека нема да брзаат со намалување на каматните стапки бидејќи инфлацијата во САД е сè уште покачена. Ниту која било друга централна банка во светот нема да ја намали цената на парите толку брзо како што се надеваа трговците, што значи дека може да се очекува забавување на економскиот раст, а со тоа и на побарувачката на нафта.

Додуша, оваа недела се очекува Европската централна банка да ги намали каматните стапки, но ќе биде потребно извесно време пред да се забрза растот на економиите во еврозоната.

Трговците минатата недела ги загрижи и податокот за зголемување на залихите на бензин во САД во претходната недела за два милиони барели. Побарувачката на бензин била за два отсто помала од претходната недела, покажуваат податоците на Министерството за енергетика.

„(Минатиот) викенд и Денот на меморијата го означија почетокот на летната сезона на патувања во САД и раните показатели сигнализираат силна активност во однос на возењето и летовите. Но, потрошувачката на гориво се чини попригушена“, велат аналитичарите на Citi.