Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денеска изјави дека Турција сака да стане членка на БРИКС.
„Секако, би сакале да станеме членка на БРИКС. Ќе видиме како ќе биде оваа година“, рече Фидан во Пекинг, за време на тридневната посета на Кина, пренесува Саут Чајна Морнинг пост.
Фидан додаде дека со нетрпение очекува да присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на БРИКС, што ќе се одржи следната недела во Русија.
Се очекува една од темите на агендата да биде можноста Турција да се приклучи на БРИКС, пишува „Саут Чајна Морнинг пост“.
Фидан смета дека БРИКС е „добра алтернатива“ на Европската унија за Турција, кога станува збор за подобрување на економските перспективи на Турција.
Министерот додаде дека еден од важните столбови на турската надворешна политика е формирањето на силни економски врски во институционална форма, пренесе Политика.рс.
Тој посочи дека поради „идентитетската политика“, некои големи земји од Европската унија никогаш не дозволиле Турција да стане полноправна членка на европскиот блок, иако таа долго време се обидуваше да се приклучи.
Значи, мора да барате други алтернативи“, потенцира Фидан.
Турскиот министер истакна дека БРИКС „има уште долг пат да помине“, но дека е важна платформа за соработка која нуди добри можности.
Русија го поздравува интересот на Турција за БРИКС
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Кремљ го поздравува интересот на Турција за БРИКС и дека на оваа тема ќе се разговара на претстојниот самит на организацијата во Казан, пренесува Комерсант.