Русите се меѓу десетте најбројни туристи на Јадранот и трета најбрзо растечка економија. По влегувањето на Хрватска во Европската унија следната година, за Русите се враќаат визите, а ако тоа го поколеба секој десети Рус, во старт тоа се 20.000 гости помалку, 150.000 ноќевања и околу 20 милиони евра помалку, пишува Вечерњи лист.
Бројот на руски туристи во Хрватска постојано е во пораст, откако во 2009 година е воведена привремена суспензија на визниот режим. Сега, по влегувањето во ЕУ, Хрватска ќе мора да ја преземе визната политика на Унијата.
“Опаѓањето на бројот на гости поради воведување на визи им се случи и на други, па би било нереално да очекуваме дека нас ќе не заобиколи. Во повеќе наврати разговаравме со министерката за надворешни и министерот за внатрешни работи за тоа како да го забрзаме и поедноставиме процесот на издавање визи. И тоа најпрво за гостите од Русија и Украина. Ако треба ќе го екипираме и нашиот конзулат во Москва за визите да се издаваат лесно и брзо. Сложни сме дека не смееме да допуштиме визите да бидат причина поради која би се откажале од летување во Хрватска и дека негативните последици мора да се сведат на минимум”, вели министерот за туризам Вељко Остојиќ.
Поради тоа што издавањето на шенгенска виза е комплицирано, долго и скапо, Европа годишно губи 100 милиони туристи, покажуваат податоците на Светската туристичка организација.