Средба Ангеловска-Бежоска  ̶  Ханиг: Народната банка е добар пример за промовирање на финансиската едукација и вклученост

41

Напорите и залагањата на Народната банка за олеснување на пристапот до финансиските услуги на населението се препознаени и од меѓународните институции како одличен пример на финансиска едукација и вклученост. И натаму треба да се вложуваат напори со цел натамошно зголемување на пристапот до финансии, којшто е предуслов за повисока економска активност и доход. Ова беше истакнато на состанокот помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, и извршниот директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг и нивните тимови.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска истакна на средбата дека Народната банка од 2013 година постојано придонесува кон јакнење на финансиската писменост во земјава.  Потребата за подобар пристап до финансиите особено дојде до израз во изминатите кризни години коишто во глобални рамки повеќе ги погодија жените, младите, другите ранливи групи, микро и малите претпријатија и руралните заедници.

„Во 2021 беше донесена првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, а во 2022 година финансиската писменост беше вклучена во стратегиските цели на Народната банка. Во рамките на централната банка е основана посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, заради поттикнување на вклученоста и заштитата при користењето на финансиските услуги. Преку усвојувањето на новата законодавна рамка во платежната сфера, која стапи во сила од почетокот на минатата година е зацврстена и заштитата на правата на потрошувачите”, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска и додаде дека и покрај видливите подобрувања во нашата земја, сѐ уште постои јаз во споредба со развиените економии, како на пример со еврозоната, каде што процентот на возрасните кои користат платежна сметка е речиси 100%. Според последните податоци објавени од базата на Светската банка „Финдекс”, процентот на населението во нашата земја постаро од 15 години со пристап до финансиска сметка е зголемено од 74% во 2014 година на 85% во 2021 година.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска порача дека еден од приоритетите на централната банка во областа на финансиската едукација и вклученост е обезбедување соодветна заштита на потрошувачите, поголема финансиска вклученост на жените, како и создавање услови за пристап до  зелени финансии. Во сите овие области Народната банка интензивно работи и презема соодветни активности. На почетокот на оваа година Народната банка стана членка на АФИ, која веќе започна да обезбедува поддршка во сите овие области, што е од големо значење за нас.

АФИ е мрежа на централни банки и финансиски регулатори, чија цел е да се унапреди финансиската вклученост, а нејзините заложби се преку заеднички напори и размена на искуствата, централните банки и меѓународните чинители да создадат можност за отворено, стратегиско и проактивно делување, за практична јавно-приватна соработка за продлабочување на финансиската вклученост во време на макроекономски и геополитички превирања.