Средба Ангеловска-Бежоска ‒ Памер: Народната банка во чекор со европските стандарди и практики

66

„Народната банка постојано работи на усвојување и спроведување на најдобрите практики и стандарди коишто сѐ повеќе ја приближуваат до Европскиот систем на централни банки. Таа непрекинато го зајакнува институционалниот и аналитичкиот капацитет за поуспешно справување со предизвиците во следните фази на евроинтеграцискиот процес. Овие активности се одвиваат и преку активно учество на Народната банка во програма финансирана од ЕУ за понатамошна поддршка на централните банки и банкарските супервизорски агенции од Западен Балкан”, беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер.

На средбата се разговараше и за засилените активности преземени од Народната банка во изминатите неколку години, за усогласувањето на домашната правна рамка во платежната сфера со правото на Европската Унија, коишто создадоа основа во периодот што следи централната банка и формално да го започне процесот за интеграција на земјата во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).

„Ова претставува клучен исчекор за понатамошниот развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор. Членството на земјава во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и за целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите”, истакна Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката и австрискиот амбасадор Памер оценија дека од особено значење е соработката помеѓу Народната банка и централната банка на Австрија којашто се одвива во рамките на Втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од ЕУ.

Во изминатиот период преку проектот, експертите од Австриската централна банка ги споделија своите знаења во областа на управувањето со податоците со дел од вработените од Дирекцијата за статистика и Секторот за информатичка технологија во Народната банка, што придонесе кон зајакнување на институционалниот капацитет и ќе биде корисна насока во преземањето натамошни чекори за спроведување на управувањето со податоците на ниво на Народната банка.

Ангеловска-Бежоска и Памер изразија заложба за продолжување и продлабочување на соработката во иднина.