На светските пазари минатата недела цените на нафтата паднаа за повеќе од 1 отсто, што е главно последица на загриженоста поради бавното закрепнување на кинеската економија, најголемиот светски увозник на „црното злато“. На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 1,7 отсто, на 85,03 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,1 отсто, на 82,20 долари.
Од друга страна, трговците беа охрабрени од податоците за слабеење на инфлациските притисоци во САД. Цените се поддржани од индикации за силна летна побарувачка за гориво во САД.
Побарувачката за бензин достигна 9,4 милиони барели дневно во претходната празнична недела, што е највисоко ниво од 2019 година, покажаа новите податоци. Побарувачката за воздухопловно гориво, пак, беше највисока во просек од јануари 2020 година во изминатите четири недели.
„Цените ќе продолжат да се движат во ограничен опсег во наредните денови, бидејќи проценките за силна потрошувачка на гориво во текот на летото ќе бидат неутрализирани поради континуираната слабост на економиите и неизвесното закрепнување на побарувачката на подолг рок“, вели Емрил Џамил од LSEG компанија.
Главно поради геополитичките тензии на Блискиот Исток, цените на нафтата се во пораст во однос на почетокот на годината – на лондонскиот пазар околу 11 отсто, а на американскиот околу 15 отсто.