Најбогатиот Африканец: Имам само две куќи, ниту една во странство

84

Најбогатиот Африканец Алико Данготе шокираше многу Нигеријци кога рече дека не поседува куќа надвор од земјата. Данготе рече дека поседува две куќи – во Лагос и неговото родно Кано. Тој рече дека останува во изнајмен стан кога е во Абуџа, главниот град на Нигерија.

Во јануари, магазинот Форбс го прогласи за најбогат човек во Африка 13-та година по ред, и покрај економските тешкотии во земјата. Неговото богатство се зголеми за 400 милиони долари во текот на изминатата година, со што неговата вкупна нето вредност достигна 13,9 милијарди долари.

Овој 66-годишен бизнисмен се збогатил со цемент и шеќер, а минатата година отворил рафинерија за нафта во Лагос, економскиот центар на Нигерија. Тој даде коментари за својот животен стил за време на разговор со новинарите во рафинеријата за нафта.

Неговите коментари изненадија многумина во земјата каде што богатата елита негува раскошен начин на живот. Многу богати Нигеријци поседуваат куќи во Лондон, Дубаи и Атланта. Данготе рече дека сака да види како расте Нигерија, пишува Би-Би-Си.

„Причината зошто немам куќа во Лондон или Америка е само затоа што сакав да се фокусирам на индустријализацијата во Нигерија. Многу сум страстен за сонот за Нигерија. Освен куќата во Лагос, имам уште една во моето родното Кано и изнајмен стан во Абуџа“, рече тој.

„Да имав куќи насекаде, во Америка и на други места, не би можел да се концентрирам и да изградам нешто за мојот народ“, додаде тој. Што се однесува до неговата куќа во Лагос, таа е раскошна резиденција на популарниот остров Банана, каде што и многу богати Нигеријци имаат куќи.

Неговата куќа во неговата родна држава Кано е скромна и била користена за примање гости по смртта на неговиот брат Сани Данготе во 2021 година.