
Сингапур ги престигна Франција, Германија, Италија и Шпанија за да го врати правото на фалење на најмоќниот пасош на светот. Да се има сингапурски пасош значи да се добие безвизен влез на рекордни 195 глобални дестинации, што го става овој град-држава на врвот на Индексот за пасоши на Хенли & партнерс“. Хенли ги следи глобалните слободи во 227 земји и територии низ целиот свет, користејќи ексклузивни податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен простор.
Македонија и Црна Гора се на 41 место со 128 дестинации за кои не е потребна виза. Словенија е на 25 место, Хрватска на единаесетто и Босна и Херцеговина и Албанија на 43 место. Турција го зазема 45 место, а Косово 63 место.
Србија е на 34 место со 140 дестинации за кои на граѓаните не им е потребна виза. Веднаш над Србија се Перу, Макао, Парагвај, Гренада, Тринидад и Тобаго и Маурициус.
Четири европски земји, кои го зазедоа првото место претходно оваа година, сега се изедначени на второто место со Јапонија.
Седум нации за прв пат го заземаат третото место. Имателите на пасоши од Австрија, Финска, Ирска, Луксембург, Холандија, Јужна Кореја и Шведска можат без проблем да влезат во 191 земја.
– Можноста за патување без виза до широк спектар на дестинации повеќе не е само погодност. Тоа е моќна економска алатка која може да стимулира раст, меѓународна соработка и да привлече странски инвестиции – изјави извршниот директор на Хенли, Јуерг Штефен.
САД паднаа за едно место на осмото, продолжувајќи го својот децениски пад надолу на листата. Пред една деценија оваа земја го делеше првото место со Обединетото Кралство, кое сега е на четвртото место.
Авганистанскиот патен документ, кој овозможува безвизен влез во 26 дестинации, останува најслаб во светот, пренесува Блумберг.











