Американската платформа за резервации за сместување Airbnb објави поблаг раст на приходите во вториот квартал, предупредувајќи дека резервациите за летните месеци сигнализираат зголемена претпазливост кај граѓаните во средина на економска несигурност.
Во периодот од април до јуни приходите на Airbnb се зголемени за 11 отсто, на 2,75 милијарди долари. Во првите три месеци од годинава неговиот раст е поголем за 18 проценти.
Нето добивката изнесува 555 милиони долари и е за 14,6 отсто помала од лани поради повисоките даночни обврски, се наведува во деловниот извештај.
Бруто вредноста на резервациите е зголемена за 11 отсто, на 21,2 милијарди долари. Резервациите се зголемија за девет отсто, на 125,1 милиони, со најсилен раст во Латинска Америка и Пацификот, за 17 и 19 отсто, соодветно. Во регионот кој ги опфаќа Европа, Блискиот Исток и Африка (ЕМЕА), тие останаа на нивото од минатата пролет.
Просечниот приход од ноќевање се зголеми за околу два отсто, на 169,53 долари, нешто пониско од почетокот на годината.
Поголемиот дел од ноќевањата резервирани во ЕМЕА беа домашни и внатре-регионални патувања, со континуиран силен раст на неурбаните дестинации и групните патувања и двојно повеќе резервации во регионот на Париз од минатата година поради Олимпијадата.
Во летниот квартал компанијата очекува приход во опсег од 3,67 милијарди до 3,75 милијарди долари, повисоки за 8 до 10 отсто од лани, кога ќе се вклучи и „малку неповолното“ влијание на девизните курсеви. Растот на резервациите треба повторно да забави, со пократко време помеѓу датумот на резервација и пристигнувањето на гостите и знаци на послаба побарувачка во САД.
Пократкиот временски јаз помеѓу резервирањето сместување и пристигнувањето во куќа за гости е важен индикатор во секторот бидејќи потенцијално сигнализира доцнење на патувањето, зголемена несигурност и претпазливо трошење.
Патувањето во САД е во надолен тренд од почетокот на годината бидејќи сè повеќе граѓани стравуваат за економијата и покажуваат воздржаност во трошењето на патувањата.