Силен неделен пораст на цената на нафтата

73

Цените на нафтата се зголемија за повеќе од 3,5 отсто минатата недела, најмногу благодарение на надежите на трговците дека побарувачката во најголемите светски економии наскоро би можела да зајакне.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за повеќе од 3,5 отсто, на 79,66 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за повеќе од 4 отсто, на 76,84 долари.

Трговците беа охрабрени од податоците кои укажуваат на солиден раст во најголемите светски економии. Меѓу другото, беше објавено дека пред една недела бројот на барања за помош за невработени во САД опаднал на неделно ниво, што ги ублажи стравувањата од рецесија во најголемата светска економија.

Поддршка за цените дадоа податоците за благ пораст на инфлацијата во Кина, што може да значи дека побарувачката закрепнува во втората по големина светска економија и најголемиот светски увозник на нафта. Цените на „црното злато“ се поддржани и од геополитичката тензија на Блискиот Исток, каде што постои ризик од ескалација на конфликтот.

Израелската армија минатата недела ги засили воздушните напади во окупираниот палестински Појас Газа. Продолжените израелски напади следеа по атентатот на лидерите на палестинскиот Хамас во Иран и на либанскиот Хезболах во Бејрут. Иран најави одговор на тоа, додека Тел Авив соопшти дека нема да ги запре воените операции во Газа додека не го уништи Хамас.