Дурмиши: Колку повеќе германски компании инвестираат во Северна Македонија, толку повеќе расте извозот

113

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари средба со Антје Ванделт , директор на АХК Северна Македонија, која е дел од мрежата на германските стопански комори.

Средбата беше со цел меѓусебно запознавање и информирање за новите надлежности кои ги има Министерството за економија и труд од една страна и запознавање со тековните проекти кои ги има АХК Северна Македонија од друга страна.

Министерот Дурмиши истакна дека Германија е рангирана на 1-во место на листата на земји со кои Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена, а трендот на размена бележи континуиран раст. Тоа според министерот Дурмиши во најголем дел се должи на значајните германски инвестиции кои успешно работат во Северна Македонија.

„За 10 години вкупните инвестиции од Германија во Северна Македонија изнесуваат 675 милиони евра, а само во 2023 година се инвестирани 108 милиони евра од германски компании во нашата земја. За нас како Министерство за економија и труд во чија надлежност се условите за работа на странските инвеститори од голема важност е да работиме на подобрување на деловната клима, се со цел да имаме повеќе инвестиции кои ќе значат поголема вработеност и поголем економски раст. Колку повеќе германски компании инвестираат во Северна Македонија, толку повеќе расте извозот“, кажа министерот Дурмиши на средбата и потенцираше дека Министерството за економија и труд и Владата активно ќе продолжат да работат на одржување на добра комуникација со веќе постоечките компании, но и на привлекување на нови инвеститори од Германија.

Министерот кажа дека како нова надлежност во наредниот период Министерството за економија и труд ќе работи на мерки подобрување на пазарот на труд со цел да им се излезе во пресрет на компаниите кои имаат недостаток на квалификувана работна сила, како мерката за дуално образование која даде позитивни резултати.

„Министерството за економија и труд ќе ги поддржува сите мерки и активности кои ќе значат подобрување на пазарот на труд на барањето на компаниите“ кажа министерот на средбата со директорката на АХК Северна Македонија.