Во средата на Волстрит се тргуваше претпазливо, а берзанските индекси забележаа само мали поместувања бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат по остриот пад на цените на акциите претходниот ден.
Индексот Dow Jones зајакна 0,09 отсто, на 40.974 поени, додека S&P 500 загуби 0,16 отсто, на 5.520 поени, а индексот Nasdaq 0,30 отсто, на 17.084 поени.
По остриот пад во вторникот, вчера индексите се стабилизираа. Во шест од 11-те најважни сектори на S&P 500, цените на акциите паднаа, најмногу во енергетскиот сектор поради падот на цената на нафтата.
Технолошкиот сектор се стабилизираше. Откако еден ден пред цената на акцијата на Nvidia потона речиси 10 отсто, вчера се лизна за дополнителни 1,7 отсто. Акциите на Microsoft, Alphabet, Apple и Amazon паднаа меѓу 0,1 и 1,7 отсто. Цената на Tesla, пак, се зголеми за повеќе од 4 отсто.
Сите најнови податоци укажуваат дека растот на американската економија забавува, а пазарот на труд слабее. Освен тоа, инфлаторните притисоци постепено се намалуваат, па инвеститорите се убедени дека американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки во септември, по повеќегодишна рестриктивна монетарна политика.
Затоа ниту изјавите на првиот човек на ФЕД, кои навестуваат дека навистина доаѓа намалување на каматните стапки, не влијаат значително на насоката на пазарот. Имено, тоа намалување на каматите одамна е вградено во пазарните цени.
И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонски FTSE индексот ослабе за 0,35 отсто, на 8.269 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,83 отсто, на 18.591 поен, а париски CAC 0,98 отсто, на 7.500 поени.