4iG заинтересирана за влез и во Грција

Унгарската компанија 4iG којашто е заинтересирана за влез во Македонија, веќе е пријавена на тендерот за купување на грчкиот телекомуникациски оператор Нова.

Инаку во понеделникот македонската влада и „4iG” Групацијата, една од водечките ИКТ компании во Унгарија и Западен Балкан, потпишаа Меморандум за разбирање со цел да се забрза дигиталната трансформација во Македонија во делот на економијата и инфраструктурата.

Компанијата изразила интерес за купување на Нова,  заедно со други компании како Сауди телеком (Saudi Telecom STC), со седиште во Ријад, Саудиска Арабија, телекомуникациската група Етисалат (Etisalat) од Абу Даби, меѓународниот инвестициски фонд ППФ групацијата (PPF) со седиште во Холандија, австриската телекомуникациска компанија А1 телеком Аустриа груп (A1 Telekom Austria Group), американската инвестициска компанија Провиденс (Providence), исто така американската инвестициска компанија Варбург (Warburg Pincus) како и британскиот инвестициски фонд Апакс (Apax Partners).
Фор ај џи поседува компании во Албанија и Црна Гора, ALBtelecom и Telenor, кои оперираат под брендот One. Во овие две земји се покриваат повеќе од 2,2 милиони домаќинства и 400.000 бизнис клиенти.
Со најновите аквизиции во Унгарија во последниве години, вклучувајќи ги Vodafone Magyarország Zrt., DIGI Távközlési és Szolgáltató Kft., Invitech ICT Sevices Kft и HungaroDigitel, ја направија групата втора по големина телекомуникациска компанија во Унгарија, со вкупно околу 3 милиони и речиси 2 милиони корисници на фиксна линија.
Групацијата 4iG моментално има 28 подружници во 4 земји и вработува повеќе од 8.000 луѓе, пренесуваат грчките медиуми.