Падна продажбата на автомобили во Кина

55

Продажбата на возила во Кина падна во август петти месец по ред, а светла точка беше силната побарувачка за електрични и plug-in хибридни модели, покажаа податоците од автомобилската индустрија во понеделникот.
Продажбата во август е намалена за 1,1 отсто во споредба со истиот месец минатата година, на 1,92 милиони возила, покажаа податоците од Кинеската асоцијација за патнички автомобили (CPCA). Во јули падна за 3,1 отсто, пренесува Хина.

Продажбата на возила напојувани од нови извори на енергија (НЕВ) скокна за цели 43,2 отсто и изнесува рекордни 53,5 отсто од вкупната продажба, поддржана со субвенции.

Граѓаните имаат право на субвенција до 20.000 јуани (2.823 долари) доколку одлучат да го заменат својот автомобил на бензин со енергетски поефикасни возила.

Оние кои ќе го заменат „бензинот“ со алтернативни модели со помали мотори, имаат право на субвенција до 15.000 јуани.

– Повеќе од 80 проценти од апликантите за субвенции одлучуваат да купат возила напојувани од нови извори на енергија – рече генералниот секретар на CPCA, Куи Донгшу.

Кинескиот извоз на автомобили скокна за 24 отсто во август, по јулскиот раст од 20 отсто.

И покрај послабата побарувачка во изминатите месеци, продажбата во првите осум месеци од оваа година и натаму е зголемена за 1,6 отсто, покажуваат податоците на CPCA.

Кинескиот автомобилски гигант BYD постави рекорд во продажба на електрични возила, а американскиот ривал Тесла го имаше својот најдобар месец во годината во август.