Цената на нафтата порасна

Цените на нафтата пораснаа втор ден по ред. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми за 0,62 отсто, на 71,05 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,56 отсто, на 67,70 долари.

На валутните пазари,  вредноста на доларот во однос на кошницата валути се зголеми бидејќи по извештајот за инфлацијата во САД стивнаа очекувањата за нагло намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка.

Имено, потрошувачките цени во август пораснаа за 0,2 отсто на месечно ниво, очекувано, но основната стапка на раст на цените, без цената на енергијата и храната, порасна повеќе од очекуваното – за 0,3 отсто.

Овие податоци не го променија уверувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во септември, по неколкугодишна рестриктивна монетарна политика. Но, сега е речиси сигурно дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, а не, како што некои очекуваа, за 0,50 процентни поени.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 101,76 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 101,45 поени. Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 141,50 на 142,55 јени.

Доларот зајакна во однос на еврото
И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1010 долари, додека вчера во ова време беше 1,1040 долари.

Лидерите на Европската централна банка денеска ќе одржат редовна седница, а се очекува пазарот да ги намали каматните стапки за дополнителни 0,25 процентни поени.