За Сојузот на стопански комори листата со пониски цени на 100-тина основни производи која ја најави Владата, е новина.
Според претседателот Трајан Ангелоски, тие сè уште не виделе предлог листа, не знаат кога ќе стартува ниту како ќе се одрази на работата. Останува на ставот дека фокусот треба да остане на Законот за нефер трговски практики бидејќи како што вели, дава многу поширок и подетале опфат.
„И да се донесе мерка за ограничени цени на некои производи, тоа ќе биде од времен карактер и во одредени ситуации каде постои нагло золемување на цените, а такво нешто во моментов нема. Се плашам во одреден момент да не се доведеме во ситуација за еден проблем да даваме по неколку лекови и потоа лековите да дојдат во колизија. Нагласувам дека треба да се внимава да не се доведеме во ситуација со две мерки исто прашање да третираме“, вели Ангелоски во интервју за „Локално“.
Според него, реакцијата треба да се насочи во однос на одредени дополнителни трошоци кои ја обременуваат финалната цена на производите, меѓу кои и елементарните- како на пример лебот, млекото, виното, пивото…Во оваа група вели тој се трошоците за наплата на присуство на производ на полица, место во магацин, присуство на рекламен леток итн.
Покрај Законот за нефер трговски практики, ССКМ како следен чекор од Владата го очекува и најавениот кредит од Унгарија, а во рамки на очекувањата се и намалувањето на бирократијата и на царинските стапки.