
Петстотини милиони евра ќе земе државава од Унгарската Експорт импорт банка, како заем што според најавите од Владата ќе биде потрошен за поддршка на инфраструктирни проекти на општините и помош за стопанството, откако Собранието вчера го изгласа Законот што е услов да се склучи Договорот за задолжувањето.
Законот, по скратена постапка, доби гласови на 65 пратеници од владејачкото мнозинство.
Заемот од Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти.
Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
Предвидено е државава да и плаќа на унгарската Експорт импорт банка провизија за евентуално неповлечени финансиски средства во висина од 0,5 проценти од заемот, на годишно ниво, а како што најави заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски по потпишување на указот од страна на претседателката на државата планираат веднаш да го потпишат договорот и да се плаќаат провизиите по тој основ.
Парите, тврди власта, ќе се инвестираат во општините и граѓаните, а задолжувањето е со поволни услови, со каматна стапка од 3,25 проценти, три годишен грејс период и 15 години рок на отплата.
Според најавите, 250 милиони евра од заемот ќе бидат за финансирање на инфраструктурни проекти на општините, а Повикот за таа намена заврши минатата недела.
Осумдесет општини поднесоа 357 апликативни формулари за финансирање на проекти, а по скратена постапка беа изгласани и измени на Законот за урбанистичко и просторно планирање, со кои, според власта, ќе се олесни постапката за подготовка на инфраструктурни проекти.
Останатите 250 милиони евра од заемот наменети за бизнисот треба да бидат достапни од октомври и според најавите од Владата ќе има контролни механизми како ќе се трошат.











