Инспекторите на терен – денеска на ред малите маркети и бурекџилниците

Повеќе од 120 инспектори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) низ цела држава вршат проверка дали се почитува одлуката за ограничени профитни маржи за основните прехранбени производи.

Поделени во повеќе од 40 тимови, ротирани во различни градови, инспекторите од вчера ги контролираат големите маркети на цела територија на државата, а како што најави директорот на ДПИ Горан Трајковски, од денеска ќе ги контролираат малите маркети и бурекџилниците, а од утре трговците на големо.

Ќе проверат и дали во изминатиот период намерно биле покачени цените на производите.

Досега нема казнети маркети, а казните се високи и се движат од 2,000 до 10,000 евра, и доколку се утврди дека некој применува нечесни трговски практики согласно Законот за потрошувачи има можност и за затворање на објекти.

Маркетите кои сè уште не ги означиле производите со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“, Трајковски ги оцени како несериозни, нагласувајќи дека инспекторите веќе прават контроли и ќе кажат „ дали поставиле или не и дали биле поставени делумно или целосно“.