Цените на нафтата паѓаат трет ден по ред

118

На кинеските берзи цените на акциите во петокот пораснаа осми ден по ред, благодарение на монетарните и фискалните стимулации, а индексите во Шангај се на пат на најголеми неделни добивки во последните 16 години и во Хонг Конг во последните 26 години.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 7:00 часот порасна за 1,1 отсто и е на пат за неделна добивка од околу 6 отсто.

Утрово јапонскиот индекс Никеи порасна за 0,9 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,1 и 3,5 отсто. Во Јужна Кореја, пак, тие благо паднаа.

Кинеските берзи растат осми ден по ред бидејќи продолжува еуфоријата, што беше поттикнато од најавата на почетокот на неделата за нови монетарни и фискални стимулативни мерки, најголеми од пандемијата, со цел да се забрза економскиот раст и да се потисне кризата на пазарот на недвижности.

Берзанските индекси на кинеските пазари се зголемија меѓу 13 и 16 отсто оваа недела, што е најголема неделна добивка за Шангајската берза од 2008 година и за Хонг Конг од 1998 година.

Доларот ослабе, цената на нафтата падна

На девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошничката валути благо падна.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 100,75 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 100,87 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 144,55 на 145,55 јени.

Сепак, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1165 долари, додека вчера во овој момент беше 1,1135 долари.

Цените на нафтата, пак, паѓаат трет ден по ред. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово ослабе за 0,29 отсто, на 71,40 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,28 отсто, на 67,50 долари.