Штрајкот на американските пристаништа го блокираше истоварот на стотици контејнери за кафе

123

Растоварувањето на стотици контејнери со увезени зрна кафе на пристаништата на источниот брег на Соединетите Држави е запрено со штрајк на пристанишните работници, што го влошува и онака оскудното снабдување со кафе во земјата.

Одложувањата во испораката на увезено кафе до американските потрошувачи би можеле дополнително да ги зголемат цените на зрната кафе, кои минатата недела достигнаа највисоки нивоа во последните неколку години, објави Ројтерс.

Залихите на кафе во САД се на историски најниски нивоа, велат трговците, бидејќи увозниците избегнувале складирање залихи за да ги намалат трошоците за складирање во период на високи каматни стапки.

Околу 45.000 пристанишни работници во 36 пристаништа, членки на Меѓународната асоцијација на шпедитерите,  почнаа со прекин на работата, откако на полноќ истече постојниот договор меѓу нив и пристаништето, пренесе АП.

Американскиот претседател Џозеф Бајден претходно  изјави дека е време сопствениците на пристаништата да го решат штрајкот бидејќи тој ја блокира испораката на стоки во САД, пренесува Танјуг.