Граѓаните на Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово, Украина, Молдавија, Грузија, како и на десетици други земји на чии граѓани не им е потребна виза за влез во земјите на Европската унија, односно Шенген, од 10 ноември оваа година на границата при влез ќе се oставаат четири отпечатоци од прсти и слика на лицето како дел од новиот систем за влез и излез (ЕЕС).
Според Европската комисија, ова правило не важи за деца помлади од 12 години.
Оваа регулатива ќе се применува на сите земји од ЕУ освен Кипар и Ирска, како и на Исланд, Норвешка и Швајцарија како дел од Шенген зоната.
Истовремено, државјаните кои за влез во ЕУ им треба виза ќе треба да внесат само фотографија на лицето, бидејќи отпечатоците се веќе регистрирани при поднесување на визата.
Ќе се собираат информации за патната исправа и други лични податоци на патниците, вклучувајќи ги и датумите на влез и излез и електронски ќе бидат регистрирани во системот.
„Доколку го надминете дозволениот период во европските земји кои користат EEС, системот ќе ве идентификува и ќе ги запише овие податоци. Во случај властите да ви одбијат влез, системот ќе ги евидентира и овие податоци“, посочуваат од Европската комисија.
Оттаму појаснуваат дека дозволата за престој во ЕУ, односно во земјите од Шенген, се води како период од 90 дена во кои било 180 дена и се брои како еден период за сите европски земји кои користат ЕЕС.
Тие посочуваат дека европските земји кои користат EEС можат да одлучат дополнително да ги автоматизираат нивните процеси. Автоматизацијата значи дека граѓаните кои не се членки на ЕУ можат да имаат корист од наменската опрема – „систем за самопослужување“.
Доколку е достапен на граничниот премин, системот за самопослужување овозможува регистрација при преминување на границата, проверка дали податоците се сè уште евидентирани во EEС и дали податоците се присутни, како и нивно поставување за последователна проверка од страна на службеникот за пасошка контрола.
„По користењето на системот за самопослужување, можете да отидете на лентата за гранична контрола, каде што службеникот за пасошка контрола веќе ќе ги има добиено информациите од системот за самопослужување (вклучувајќи проверки од други бази на податоци), потврда за вашиот идентитет и преостанатото времетраење на вашиот престој. Службеникот за пасошка контрола потоа може да поставува дополнителни прашања пред да одлучи да одобри или одбие пристап до територијата за која станува збор. Автоматизираните гранични процеси, пред пристигнувањето кај службениците за пасошка контрола, ќе помогнат постепено да се намали времето на чекање. Автоматизацијата ги заменува рачните проверки кои одземаат многу време“, според Европската комисија.
За да ги користи услугите на системот за самопослужување на границите, патникот мора да има биометриски пасош кој содржи чип со неговите биометриски податоци собрани од имателот во моментот на поднесување на барањето за пасош.
„Доколку немате биометриски пасош, нема да можете да ги користите системите за самопослужување“, предупредуваат од Европската комисија.
Меѓутоа, на луѓето кои немаат биометриски пасош нема автоматски да им биде одбиен влез во ЕУ, односно во Шенген зоната.
Во принцип, при преминување на границата ќе се прифаќаат и биометриски и небиометриски пасоши, доколку се валидни и се исполнети сите други услови за влез.