Извршните директори на Bank of America, BlackRock, Standard Chartered и Deutsche Bank се очекува да бидат меѓу истакнатите финансиери кои ќе го прескокнат овогодинешниот самит на ОН COP29, бидејќи деловните очекувања за најважните разговори за климата во светот се намалуваат.
Двонеделниот самит во Баку, кој ќе се одржи во ноември, организаторите го нарекоа „финансиски COP“, каде речиси 200 земји ќе разговараат за новата глобална финансиска цел за поддршка на земјите во развој кои страдаат од последиците од климатските промени, објави Фајненшл Тајмс.
Сепак, многу врвни директори од банкарството, управувањето со средства и осигурувањето нема да присуствуваат на настанот, кој ќе се одржи само пет дена по претседателските избори во САД, оставајќи неизвесност околу раководството на најголемата светска економија. Доналд Трамп се закани дека ќе ги повлече САД од Парискиот договор доколку победи повторно, како што направи во 2016 година.
Финансиските директори наведуваат „тешка логистика“ и помалку можности за поврзување со клиенти отколку на COP28 во Дубаи минатата година. Некои, исто така, посочија дека планираат да присуствуваат на COP30 во Бразил следната година, тврдејќи дека овогодинешниот настан е „технички COP“ кој е помалку пријателски за бизнисот.
На COP28 присуствуваа лидери од различни области, со што настанот стана најголемата климатска конференција досега, со 65.000 присутни. Тој настан, сепак, беше критикуван од некои преговарачи поради преголемиот број на учесници.