Голдман Сакс ја зголеми прогнозата за раст на БДП на Кина

100

Голдман Сакс ја зголеми својата прогноза за кинескиот бруто-домашен производ (БДП) од 4,7 отсто на 4,9 отсто во 2024 година, се вели во извештајот на банката, објаснувајќи дека тоа е резултат на најновите стимулативни мерки на кинеската влада.

Банката, исто така, ја подобри прогнозата за раст на Кина за 2025 година на 4,7 отсто од претходните 4,3 отсто. Оптимизмот доаѓа откако Пекинг претстави низа мерки за поттикнување на растот, вклучително и планови за повеќе јавни инвестиции објавени викендов, пишува Ројтерс.

Зголемувањето на прогнозата доаѓа додека економистите и инвеститорите ги оценуваат ефектите од најновите потези на кинеската влада, дизајнирани да ја зајакнат економијата која се соочува со слаби чувства и постојани дефлациски притисоци.

Кинеското Министерство за финансии вети повеќе фискални стимулации во изјавата на 12 октомври, иако некои аналитичари веруваат дека се потребни дополнителни мерки за зајакнување на трошоците за да се надмине дефлацијата, пишува StraitsTimes.

Кинеските власти објавија дека 2,3 трилиони јуани (околу 425 милијарди долари) од специјалните обврзници на локалната самоуправа ќе бидат искористени во четвртиот квартал, што укажува на поинтензивна јавна потрошувачка и повисок раст отколку што претходно предвидуваше банката.

Исто така, кинеската Национална комисија за развој и реформи планира однапред да одобри инвестициски проекти во вредност од 200 милијарди јуани за 2025 година до крајот на октомври, во обид да ја достигне целта од околу пет отсто раст на БДП за 2024 година.