Агенцијата Блумберг ја објави листата на 200 најбогати луѓе на светот. Пописот на богатите, всушност е листа на оние што ги „влечат конците“ во глобалната економија.
На првото место е Карлос Слим, почесен претседател на компанијата America Movil, чие богатство се проценува на 77,5 милијарди долари. Бил Гејтс е на второ место со богатство од 64,4 милијарди долари, а на трето е релативно непознатиот 76 годишен Амансио Ортега од Шпанија (53,6 милијарди долари), сопственик на најголемата светска компанија која се занимава со малопродажба на облека, Inditex SA. Неговата компанија е позната и по преку 1.600 продавници на Zara. Од почетокот на годината до 5 октомври заработил преку 18 милијарди долари, што значи дека заработува 66 милиони долари на ден, со што го престигна Варнер Бафет и го турна на четвртото место со 48,4 милијарди долари богатство.
Девет од 25 најбогати луѓе се занимаваат со малопродажба. Меѓу нив е основачот на ИКЕА, Ингвар Кампрад, на петто место со 41,8 милијарди долари, четворица членови на семејството Волтон кои го контролираат Walmart и Штефан Персон, најголемиот акционер на шведскиот текстилен гигант H&M (24,7 милијарди долари).
Блумберг открива преку 30 прикриени милијардери, меѓу кои има и жени. Дирсе Наваро де Камарго од Бразил (13,4 милијарди долари) во 1994 го наследи индустрискиот конгломерат Camargo Correa SA од покојниот сопруг, додека Елејн Тетемер Маршал (13,2 милијарди долари) контролира 15% од Koch Industries Inc. Најбогата жена во азиско – пацифичкиот регион е Џина Рајнхарт, која води судски спор со своите деца за семејното царство минерали вредно 19,1 милијарди долари.
Најбогат Кинез е Зонг Куингхоу со богатство од 20,1 милијарда долари. Кариерата ја започнал како сиромашен продавач на минерална вода, а сега управува со Hangzhou Wahaha Group Co., империја на безалкохолни пијалоци.
Целата листа можете да ја најдете на следниот линк:
http://www.bloomberg.com/news/2012-11-01/the-world-s-200-richest-people.html