Шефот на БМВ: ЕУ мора да ја преиспита забраната за дизел и бензински возила

Планирана забрана за нови бензински и дизел автомобили во ЕУ од 2035 година ѝ се заканува на европската автомобилска индустрија, тврди првиот човек на германскиот производител на автомобили БМВ, предупредувајќи дека ниту една членка на Унијата не е „ни блиску“ до продажба на само електрични автомобили.
За европските производители на автомобили да бидат повторно конкурентни, политичарите мора да ја постават рамката за напредок и просперитет, а не да ги блокираат успешните технологии, рече шефот на BMW, Оливер Зипсе, на саемот за автомобили во Париз во вторникот.

Слабата побарувачка за електрични автомобили е пазарен проблем кој не може да се реши со краткорочни владини субвенции, смета Зипсе. Владините стимулации за купување повлекуваат големи трошоци, а носат само краткорочни резултати, тврди првиот човек на германскиот производител на луксузни автомобили и предизвикуваат нарушување на пазарната конкуренција.

Државата, вели тој, би можела да помогне во изградбата на станици за полнење на електрични возила и станици за полнење водород.

Земјите од ЕУ и Европскиот парламент одлучија де факто да ја забранат продажбата на нови автомобили на бензин и дизел од 2035 година, а Оливер Зипсе смета дека мора итно да ја преиспитаат таа цел.

Ниту една земја од ЕУ не е ни блиску до продажба на исклучиво електрични автомобили, нагласи првиот човек на БМВ, потсетувајќи дека големите странски пазари, како што се САД и Кина, имаат намера да ги задржат бензинските и дизел моторите и по 2035 година.