Ако АД ЕСМ работи со загуби верувам дека Владата во одреден момент ќе им префрли одредени финансиски средства. Треба да се намалат трошоците, да се зголеми производството за да започне ЕСМ да се стабилизира, истакна денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.
-Мора да се оди чекор по чекор и битно е да се знае каква е нивната финансиска кондиција, дали има тренд на намалување на трошоци, но реално таму треба да се работи на намалување на трошоците и зголемување на производството. Не може да се измисли топла вода, тоа е тоа. Ние како РКЕ му обезбедивме да има повеќе количини на електрична енергија што може да ги продава на слободниот пазар по цени повисоки од 60 евра за мегават час, рече Бислимоски.
Во земјава, како што истакна, никогаш немаше директни субвенции за електрична енергија за потрошувачите, освен за ранливи категории на потрошувачи.
-Имаше само едно известување на самите сметки што би било кога оваа цена на електрична енергија која што ја дава ЕСМ би се набавувала по пазарни услови. Тоа беше приказ и беше исто за сите сметки за електрична енергија. И таа пракса е прекината од март годинава од причина што реално во март и во април постојано секој ден цените на електрична енергија беа под 60 евра за мегават час или под 58 евра колку што беше тогаш цената по која што ЕСМ ја продаваше на универзалниот снабдувач. Затоа немаше потреба од популизам да се кажува ние ви помагаме, ама цената на пазарот е далеку пониска, посочи Бислимоски.