Европејците потрошиле 553 милијарди евра на туристички патувања во 2023 година

18

Минатата година е зголемен бројот на туристички патувања на граѓани на Европската унија. Тие оствариле вкупно 1,14 милијарди патувања со најмалку едно ноќевање, за 61,6 милиони или 5,7 отсто повеќе отколку во 2022 година, покажуваат податоците на Евростат, статистичкиот завод на Европската унија. Заедно со зголемувањето на бројот на патувања, зголемени се и трошоците.

Споменатите патувања се поделени во две категории и тоа патувања од лични причини и службени патувања. Повеќето патувања, 1,029 милијарди од нив, биле од лични причини, а 110 милиони биле професионални патувања.

Според статистичките податоци, двата сектора бележат раст во однос на 2022 година. Бројот на патувања од лични причини е поголем за 52 милиони или 5,4 отсто, а службените патувања за девет милиони или 9,3 отсто.

Што се однесува до дестинациите, минатата година Европејците најмногу патувале во нивните земји и таквите патувања сочинуваат 73 отсто од вкупните туристички патувања во ЕУ. Најголем дел од нив, 56,5 отсто, поминале од една до три ноќи.

Покрај зголемувањето на бројот на патувања, пораснале и трошоците, а можно е на тоа да влијаело и поскапувањето. Така, во 2023 година, Европејците потрошиле 553 милијарди евра за туристички патувања, кои вклучуваат превоз и сместување и други услуги. Во однос на претходната година, трошоците се повисоки за 16,5 отсто.

Тоа значи дека за патување со најмалку едно ноќевање во просек потрошиле 97,6 евра, 11,8 отсто повеќе во споредба со 2022 година кога во просек потрошиле 87,3 евра.

Од земјите членки најмногу потрошиле туристи од Луксембург за ноќевање, 183 евра. Потоа следуваат туристите од Австрија со 161 евро, а потоа Ирците со 143 евра.

Најмалку потрошиле граѓаните на Грција, 48 евра, потоа Полјаците со 52 евра, а на третото место се граѓаните на Чешка со 57 евра. И Хрватска е меѓу земјите чии граѓани трошеле помалку.