Зголемувањето на даноците го кочи падот на цената на гасот и ги зголемува трошоците за електрична енергија за домаќинствата во Европската унија, се заклучува во извештајот објавен од Евростат.
Во првата половина од 2024 година, просечните цени на електричната енергија за домаќинствата во Европската унија изнесуваа 28,9 евра за 100 киловат-часови (kWh), што претставува благ пораст во однос на 28,3 евра во втората половина на 2023 година.
И покрај намалувањето на цената на енергијата, снабдувањето и мрежните услуги, за два отсто во споредба со втората половина на 2023 година, вкупните цени се зголемија бидејќи владите ги намалија субвенциите, таксите и даночните олеснувања за потрошувачите.
Просечните цени на гасот паднаа за седум отсто во однос на првата половина на 2023 година, од 11,9 евра за 100 kWh на 11 евра за 100 kWh.
Наспроти ова, учеството на даноците во сметките за струја во првата половина на 2024 година се зголеми на годишно ниво од 18,5 отсто на 24,3 отсто, а учеството на даноците во сметките за гас од 22,8 отсто на 27,4 отсто, пренесува Танјуг.
Највисоки цени на струјата за домаќинствата, вклучувајќи ги и даноците, во првите шест месеци од 2024 година се забележани во Германија – 39,5 евра за 100 kWh, потоа Ирска 37,4 евра и Данска 37,1 евра.
Најниска цена за струја платиле домаќинствата во Унгарија, односно 10,9 евра за 100 kWh, како и 11,9 евра домаќинствата во Бугарија и 12,6 евра во Малта.