Консултантската компанија McKinsey објави податоци за профитабилноста на банките во еврозоната, кои покажаа дека банките во Австрија се убедливо лидери на пазарот кога се во прашање заработените пари.
Како што пренесуваат австриските медиуми, повикувајќи се на извештајот на таа консултантска куќа, банките во Австрија во изминатите две години оствариле рекордна добивка од 14,1 милијарди евра.
– Ова не само што одговара на пораст од 38% во однос на 2023 година, туку домашните кредитни институции обезбедија водечка позиција во однос на нивната моќ на заработка во споредба со банките во другите земји – пишува Der Standard.
Според тоа, приносот на капиталот во Австрија е 7,2%, што е двојно повеќе од просекот во еврозоната.
Главниот економист на Синдикалниот институт „Моментум“, Оливер Пичек, го истакна многу високиот удел на варијабилните кредити за населението во оваа земја, кој изнесува дури 47%.
– Токму затоа што се променливи, кредитите растат побрзо од фиксните и им носат повеќе приходи на финансиските институции – рече тој.
Дополнително, домашните австриски банки најмногу ја коригираа пасивната камата, што ја објаснува високата заработка.
– Дополнително, банките би можеле да го депонираат вишокот капитал кај Европската централна банка по атрактивни каматни стапки на депозитите без ризик. Од тоа произлегуваат неколку милијарди евра банкарски профити – објасни тој.
Тој напомена и дека банките во Австрија профитирале од инфлаторната криза.
– Австриските финансиски институции забележаа дополнителни 3,4 милијарди евра добивка во првиот квартал од 2024 година, што е за 100 милиони евра повеќе во однос на истиот период минатата година – рече тој.
На сè влијаеше намалувањето на трошоците, што пред сè се одразува во намалувањето на личните услуги за клиентите.
Според податоците на австриската народна банка, во 2010 година имало 843 кредитни институции со 4.176 филијали. Во Австрија во моментов има 472 банки со 3.195 филијали.