Почна како келнер, а денес е еден од најбогатите луѓе во светот

81

Во бизнисот влезе скромно, прво како помошник келнер, а потоа и келнер во ресторанот „Денис“, а од  неодамна влезе во елитниот клуб во кој се десетте најбогати луѓе на планетата.

Извршниот директор и мнозински косопственик на „Nvidia“ Џенсен Хуанг стана милијардер и едно од најпрепознатливите имиња во новонастанатата генеративна вештачка интелигенција.

Хуанг, во понеделникот влезе во првите 10 најбогати луѓе во светот на листата на милијардери на „Форбс“. Ова е првпат овој поранешен келнер, кој стана можеби најпрепознатливото име во светот на генеративната вештачка интелигенција, да влезе во тој ексклузивен клуб.

Богатството на Хуанг се зголеми за 3,6 милијарди долари до затворањето на берзата на вкупно 124,1 милијарди долари, надминувајќи го поранешниот извршен директор на „Мајкрософт“, Стив Балмер (122,5 милијарди долари). Балмер на тој начин падна на 11. место на најбогати луѓе во светот.

Зголемувањето на богатството на Хуанг беше поттикнато од растот на акциите на „Нвидиа“ за 4,1 отсто до ново рекордно високо ниво од речиси 144 долари. Тој поседува околу 3,5 отсто од „Нвидиа“, а токму овој удел го сочинува речиси целото негово богатство.

Тој е на чело на компанијата од нејзиното основање во 1993 година и е убедливо најголемиот поединечен акционер, дури и откако летово продаде акции вредни 713 милиони долари.

„Нвидиа“ е водечки производител на приспособена технологија за вештачка интелигенција потребна за апликациите за вештачка интелигенција на кои работат големите технолошки компании како Мета, Мајкрософт и Тесла.

Претходно, „Нвидиа“ беше позната во светот на видеоигрите, а нејзините чипови станаа познати по развојот на големи јазични модели.

Пред само две години Хуанг имаше богатство од „само“ 20,6 милијарди долари, што значи дека од 2022 година до денес станал дури шестпати побогат. Таа „луда“ побарувачка за технологијата на „Нвидиа“ предизвика неверојатен пораст на цените на акциите и финансиски успех на компанијата – во последните две години цената на акциите на „Нвидиа“ порасна за над 1.000 отсто, а проекциите покажуваат дека профитот оваа фискална година ќе биде 1.400 отсто повисоки во однос на периодот кој завршува во јануари 2023 година.