Извештај на ЕК: Висока усогласеност со ЕУ во делот на монетарната политика

21

Усогласеноста во делот на монетарната политика со европската регулатива, стандарди и практики и натаму е на високо ниво, се наведува во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата. Во извештајот се нотира дека монетарната политика беше соодветно поставена за справување со високата инфлација, како и дека инфлацијата е намалена од 19,8% во октомври 2022 година на 2,2% во август 2024 година. Во Извештајот се нагласува и потребата од дополнителни законски измени за зајакнување  на одредбите за независноста на централната банка.

„Основната цел на централната банка е да постигне и одржува ценовна стабилност. За да ги ограничи инфлацијата и инфлациските очекувања и притоа ја поттикне денаризацијата, централната банка ја зголеми основната камата, а реагираше и преку повлекување на ликвидност и преку задолжителната резeрва”, се наведува во Извештајот и се посочува дека централната банка престанала со затегнувањето на монетарната политика, штом се олабавиле инфлациските притисоци.

Европската комисија посочува дека банкарскиот сектор покажа дека е отпорен, додека макропрудентната рамка беше зајакната. Адекватноста на капиталот е значително повисока од регулаторните барања. Ликвидноста е висока, додека уделот на нефункционалните во вкупните кредити е на историски најниско ниво. Макропрудентната рамка е понатаму зајакната, со тоа што Народната банка продолжи да ја зголемува стапката на контрацикличниот капитал и воведе макропрудентни мерки за надминување на ризиците кај пазарот на недвижности.

Зајакнувањето на правната и институционалната рамка за обезбедување финансиска стабилност, исто така е истакнато во рамките на Извештајот, при што е посочено дека централната банка продолжила да ги унапредува механизмите за следење на ризици и усогласување на супервизорската рамка со барањата на ЕУ. Акцент во извештајот се става на донесениот Закон за решавање на банки за кој во тек е изработката на подзаконските акти.

Во извештајот се посочува и носењето на Законот на плаќања и платни системи во контекст на усогласувањето со европските директиви, како и поднесувањето на апликацијата за членството на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Исто така се истакнува дека централната банка отворила посебна организациска единица за заштита на потрошувачите и разгледување на нивните поплаки.