Драстично падна цената на нафтата – повеќе од 2,5 отсто

269

На светските берзи минатата недела цените на нафтата паднаа, губејќи ги добивките од претходната недела, бидејќи производството на „црното злато“ во САД достигна рекордни нивоа, а растот на најголемите светски економии не е баш импресивен.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 2,6 отсто, на 73,10 барели, додека барелот на американскиот пазар падна за 3,1 отсто, на 69,49 долари.

Откако се зголемија за повеќе од 3,5 отсто пред една недела, цените изгубија најголем дел од тие добивки минатата недела. Падот на цените е последица, меѓу другото, и на рекордното производство на нафта во САД.

Американската нафтена компанија Ексон Мобил минатата недела соопшти дека нејзиното производство во светот достигна највисоко ниво во историјата, додека Шеврон објави дека неговото производство во САД достигна рекордно ниво.

Американската агенција за енергетски информации (EIA) објави дека производството во САД достигна рекордни 13,4 милиони барели дневно во август и рече дека годишното производство би можело да достигне рекордни 13,2 милиони барели во 2024 година, а во 2025 година дополнително ќе се зголеми на 13,5 милиони барели дневно.

Од друга страна, растот на американската и другите најголеми светски економии не е толку брз што може да се очекува посилно зајакнување на побарувачката.

Минатата недела беше објавено дека американскиот бруто домашен производ (БДП) пораснал за 2,8 отсто на годишно ниво во третиот квартал, побавно отколку што очекуваа аналитичарите анкетирани од Ројтерс.