На европските берзи утринава поскапеа акциите, но тргувањето е претпазливо пред одлуките на американската и британската централна банка за каматните стапки.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9 часот и 30 минути порасна за 0,2 отсто, враќајќи дел од вчерашните загуби.
Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,14 отсто, на 8.178 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,70 отсто, на 19.170 поени. Парискиот CAC сепак ослабе за 0,02 отсто, на 7368 поени.
Во фокусот на инвеститорите ќе бидат одлуките на американската ФЕД и британската централна банка за каматните стапки.
Се очекува двете банки да ги намалат каматните стапки за 0,25 процентни поени.
Инвеститорите се претпазливи и поради политичката неизвесност во Германија, откако канцеларот Олаф Шолц вчера го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер, што доведе до колапс на владејачката коалиција.
Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. Азискиот индекс MSCI во 9 часот и 30 минути порасна за 0,3 отсто, надополнувајќи ги вчерашните загуби.
Истовремено, на токиската берза индексот Никеи ослабе за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Хонг Конг и Шангај пораснаа меѓу 0,1 и 2,6 отсто.