БРИКС доби три нови партнери

126

Индонезија, Малезија и Тајланд станаа партнерски земји на БРИКС, изјави заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација Александар Панкин.

„Самитот на БРИКС во Казан ја покажа желбата на глобалното мнозинство да воспостави фер светски поредок, да ги реформира глобалните институции и да изгради еднакви економски врски. Беше склучен солиден пакет договори во областа на трговијата, инвестициите, вештачката интелигенција, енергијата и климата. Нашите колеги од (Форумот за азиско-пацифичка економска соработка) на АПЕК, Индонезија, Малезија и Тајланд станаа партнери на асоцијацијата“, рече Панкин на заедничката средба на министрите за надворешни работи и трговија на економиите на АПЕК, извести Министерството за надворешни работи, а пренесува руската новинска агенција РИА.

Панкин додаде дека уделот на азиско-пацифичките економии во руската надворешна трговија веќе достигна 70 отсто, додека речиси 90 отсто од плаќањата се вршат во национални валути.

Тој посочи дека енергетската безбедност е еден од столбовите на современиот развој. „Обезбедуваме непречено снабдување со енергетски ресурси на регионот АПЕК. Убедени сме дека транзицијата кон извори со ниска содржина на јаглерод мора да биде фер, земајќи ги предвид внатрешните приоритети и технолошките можности. Грижата за природата и климата не може да се претвори во инструмент на нелојална конкуренција“, заклучи Панкин.