Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска објави јавен повик за давање во закуп државно земјоделско земјиште во регионите Гевгелија, Неготино, Делчево, Ресен, Битола, Валандово, Берово и Свети Николе, за вкупна површина од над 627 хектари.
Времетраењето на закупот за кој се издава земјиштето е до 50 години за подигање маслинарници, до 30 години за подигање долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам, до 20 години за рибници и до 15 години за одгледување други земјоделски култури и ливади.
На јавниот оглас можат да учествуваат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност и да се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Можат да аплицираат и трговци поединци, но само ако претежна дејност им се земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи. Странските правни лица имаат право да учествуваат на јавниот оглас доколку имаат регистрирано подружници во Република Македонија.
На огласот немаат право да се јават лица кои ги немаат намирено обврските по основ на закупнина за претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, правните лица за кои е отворена стечајна постапка и непрофитните организации.
Заинтересираните физички и правни лица со апликацијата, должни се да достават и понуда за износот на годишната закупнина. Понудите се доставуваат до Министреството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 20 дена од денот на објавувањето на огласот. Увид во податоците за секоја површина од земјоделското земјиште што се нуди, заинтересираните ќе имаат на огласна табла во Подрачната единица во Министерството за земјоделство во Гевгелија, која е надлежна за огласената површина.
Образецот за учество на јавниот оглас заинтерсираните субјекти може да го подигнат во подрачните единици на Министерството.