Цената на нафтата Брент над 70 долари

46

Цените на нафтата беа  стабилни втор ден по ред, бидејќи загриженоста поради ескалацијата на конфликтот во Украина што може да го наруши снабдувањето со нафта од Русија и знаците за зголемен увоз на нафта од Кина ги надминаа податоците кои покажуваат пораст на залихите на сурова нафта во САД.

Фјучерсите на суровата нафта брент поевтинија за пет центи на 73,26 американски долари за барел. Договорите за американската сурова нафта West Texas Intermediate (WTI) останаа непроменети на 69,39 долари за барел.

„Очекуваме цените на нафтата (Брент) засега да останат над нивото од 70 долари, бидејќи пазарните учесници продолжуваат да ги следат геополитичките случувања“, изјави за Ројтерс Јеап Јун Ронг, пазарен стратег во ИГ.

Во вторникот, според Москва, Украина за првпат употребила американски ракети АТАКМС за напади на руска територија. Рускиот претседател Владимир Путин го намали прагот за можен нуклеарен напад.

„Ова претставува обновена тензија во војната меѓу Русија и Украина и го враќа фокусот на ризикот од прекини во снабдувањето со нафта“, велат аналитичарите на ANZ во белешката до клиентите.

На страната на побарувачката, залихите на сурова нафта во САД пораснаа за 4,75 милиони барели во неделата што заврши на 15 ноември, според пазарни извори кои се повикуваат на податоци од Американскиот институт за нафта. Тоа беше многу поголем пораст од очекуваните 100.000 барели, според анкетата на Ројтерс.