Mercedes-Benz најавува намалување на трошоците за неколку милијарди евра годишно

Германскиот производител на автомобили Мерцедес-Бенц планира големо намалување на трошоците во услови на влошување на бизнисот.
„Во наредните години ќе ги намалиме нашите трошоци за неколку милијарди евра годишно“, соопштија од компанијата, но не сакаа да дадат дополнителни детали. Не се знае дали тоа значи големи отпуштања.

Германската автомобилска индустрија неодамна се најде во значителни проблеми. Преминот кон електрични автомобили не оди според очекувањата, а конкуренцијата се засили и на кинескиот пазар каде германските производители на автомобили бележат силна продажба.

Фолксваген, инаку најголемата автомобилска компанија во Европа, веќе се закани дека ќе затвори неколку фабрики во Германија, а во колективните преговори наводно инсистира на општо намалување на платите.

Заострувањето на состојбите во индустријата го чувствува и Mercedes-Benz, кој поради тоа е принуден да ги приспособи оперативните трошоци, изјави портпаролката на компанијата за германската новинска агенција dpa. „Економската ситуација во светот останува крајно неизвесна. Ќе останеме финансиски силни и способни да работиме само со соодветно зголемување на ефикасноста“, додаде таа.

Според неа, ќе бидат потребни значителни заштеди, кои ќе вклучуваат и фиксни трошоци. Мерцедес-Бенц е на добра почетна точка, по тој пат ќе продолжи мирно, но многу доследно, заклучи таа.