Цените на нафтата повторно пораснаа минатата недела

39

На глобалните пазари, цените на нафтата се зголемија за околу 6 отсто минатата недела, достигнувајќи ги највисоките нивоа во последните две недели, додека трговците го следат зголемувањето на тензиите меѓу Русија и Украина.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 5,8 отсто, на 75,17 долари, додека барелот на американскиот пазар поскапе за 6,3 отсто, на 71,24 долари.

Откако пред една недела драстично паднаа, минатата недела цените ги повратија сите загуби и достигнаа највисоки нивоа во последните две недели.

Трговците се фокусирани на ескалацијата на војната меѓу Русија и Украина, откако Украина истрела проектили од западно производство кон Русија.

Страв од напади на рафинерии

„Трговците стравуваат дека нападите може „ненамерно“ да предизвикаат долгорочна штета на капацитетите за производство на нафта и гас и дополнително да ја забрзаат спиралата на војната“, објаснува Џон Еванс од PVM, потсетувајќи дека ова лето Украина постојано ги напаѓаше рафинериите, радарските инсталации и воените инсталации во Русија.

Повисоките маржи на рафинериите и ниските температури, исто така, ги поддржаа цените, додаде Еванс.

Трговците се надеваат на поголема побарувачка од Кина
Дополнително, трговците се надеваат на зајакнување на побарувачката од Кина, по воведувањето на новите економски стимулативни мерки, како и забрзување на растот на економијата на еврозоната, по намалувањето на каматните стапки од страна на Европската централна банка.