Паднаа цените на нафтата

74

Цените на нафтата паднаа во понеделникот по минатонеделниот раст од шест отсто, но загриженоста за снабдувањето поради зголемените тензии меѓу западните сили и главните производители на нафта Русија и Иран ги одржуваат цените стабилни.

Фјучерсите на сировата нафта од типот „брент“ се поевтини за 43 центи на 74,74 долари за барел, додека договорите за сурова нафта „Вест Тексас интермедијт“ (WTI) се пониски за 51 цент. Така, барел од оваа нафта чини 70,73 долари.

И двата договори минатата недела ги забележаа своите најголеми неделни добивки од крајот на септември и ги достигнаа највисоките цени на затворање од 7 ноември, откако Русија истрела хиперсонична ракета кон Украина како предупредување до САД и Велика Британија, според Ројтерс, по украинските напади со американско и британско оружје.

„Цените на нафтата ја започнуваат новата недела со мало заладување, бидејќи учесниците на пазарот чекаат нови насоки од геополитичките настани и проекциите за монетарната политика на Федералните резерви за да ја одредат идната насока. Тензиите меѓу Украина и Русија ескалираа во последниве денови, што доведе до одредено зголемување на цените поради ризикот од поширока ескалација што може да влијае на испораките на нафта, изјави Јеап Јун Ронг, пазарен стратег во ИГ.

Додека Украина и Русија се борат за превласт пред можните разговори, тензиите би можеле да траат до крајот на годината, задржувајќи ги цените на Брент помеѓу 70 и 80 долари, додаде Јеап.

Инвеститорите се фокусирани и на зголемената побарувачка за сурова нафта во Кина и Индија, кои се први и трети по големина увозници на нафта во светот. Увозот на сурова нафта во Кина се зголеми во ноември, бидејќи пониските цени поттикнаа зголемување на залихите, додека индиските рафинерии ја зголемија преработката на сурова нафта за три отсто во октомври на 5,04 милиони барели дневно.

Увозот на сурова нафта во Кина се очекува дополнително да се зголеми поради дополнителната квота од најмалку 5,84 милиони метрички тони, или 116.800 барели дневно, издадена на независните рафинери за испорака следната година, изјавија извори за Ројтерс.

Оваа недела, трговците ќе ги следат бројките за личната потрошувачка на САД, кои ќе бидат објавени во среда, бидејќи тие веројатно ќе влијаат на состанокот на Федералните резерви закажан за 17-18 декември.