Саудиска Арабија, Русија и Казахстан ја истакнаа важноста од целосна посветеност на доброволното намалување на производството на нафта за кое претходно се договорија земјите од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници, пренесува саудиската државна агенција SPA.
Веста беше објавена по телефонската средба на министерот за енергетика на Саудиска Арабија, принцот Абдулазиз бин Салман, министерот за енергетика Алмасадам Саткалиев и вицепремиерот на Русија Александар Новак.
Трите земји се договорија и за компензација за секое вишок производство во нафтениот картел на ОПЕК, пренесува Ројтерс.
Членовите на организацијата ОПЕК преговараат за дополнително одложување на планираното зголемување на производството на нафта, кое требаше да започне во јануари, додале два информирани извори за британската агенција.
Во недела ОПЕК ќе одржи состанок на кој ќе се одлучува за плановите за производство на нафта во првите месеци од 2025 година.
Во својот последен ноемвриски месечен извештај, Организацијата на земјите извознички на нафта повторно ја намали прогнозата за раст на глобалната побарувачка на нафта во 2024 и 2025 година.
Според извештаите, ОПЕК ја ревидираше надолу својата прогноза за побарувачката на нафта четврти месец по ред.
Нафтениот картел сега очекува глобалната побарувачка на нафта да се зголеми за 1,82 милиони барели дневно оваа година, што е намалување од октомвриската проценка за раст на побарувачката од 1,93 милиони барели дневно.