Шефот на easyJet ги критикуваше казните што му беа изречени на него и на другите нискобуџетни авиокомпании за дополнително наплаќање за рачен багаж и резервации на седишта како незаконски и предупреди дека одлуката само ќе го поскапи начинот на транспорт.
На почетокот на овој месец, шпанското Министерство за права на потрошувачи го казни easyJet со 29 милиони евра, Ryanair со 108 милиони евра и неколку други авиокомпании поради оваа практика, пишува Гардијан.
Извршниот директор на EasyJet во заминување, Јохан Лундгрен, кој се повлекува на крајот на годината по седум години на чело, ја опиша казната како мерка „анти-потрошувачка“ и инсистираше на тоа дека на патниците треба да им се понуди избор.
– На луѓето им нудиме избор да го направат и да го добијат она за што плаќаат. Една третина од нашите клиенти не избираат никакви помошни услуги – изјави Лундгрен за Би-Би-Си.
Тој додаде дека наметнувањето казни „ќе ја зголеми основната цена. Ќе ги поскапи летањето и патувањето за луѓето кои не сакаат да имаат ваков вид на производи“.
Поплаките на Лундгрен дојдоа откако easyJet објави годишен профит од 597 милиони фунти, што е за 25 отсто повеќе во однос на претходната година.