Цените на нафтата паднаа за повеќе од три отсто минатата недела

48

На светските берзи цените на нафтата паднаа за повеќе од три отсто минатата недела бидејќи стивнаа стравувањата од прекини во производството на Блискиот Исток и затоа што следната година се очекува зголемена понуда.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 3,1 отсто, на 72,94 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 4,8 отсто, на 68,00 долари. Откако се зголемија за околу 6 отсто пред една недела, цените изгубија дел од своите добивки минатата недела, бидејќи стравувањата од прекин на производството и снабдувањето на Блискиот Исток се намалија.

Имено, во средата стапи на сила договорот меѓу Израел и либанскиот Хезболах за прекин на огнот. Сепак, аналитичарите се претпазливи. „Вистинското прашање е колку долго (примирјето) ќе се почитува“, вели Денис Кислер од BOK Financial.

На цената на нафтата негативно влијаеше и извештајот на американското Министерство за енергетика, според кој залихите на бензин во САД значително се зголемија минатата недела. Аналитичарите очекуваа дека ќе остане на нивото од претходната недела, па овие податоци предизвикаа загриженост поради, се чини, послабата побарувачка.

Покрај тоа, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценува дека понудата би можела да ја надмине побарувачката за приближно еден милион барели дневно следната година, пред се поради очекуваната послаба побарувачка во Кина. Од друга страна, идната година се очекува зголемување на производството во САД, Канада и некои други земји.

Поради сето ова Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници го одложија редовниот состанок од 1 за 5 декември. Извори од таа групација велат дека на средбата треба да се разговара и за новото одложување на претходно најавеното зголемување на производството од почетокот на следната година.