Во октомври издадени 363 одобренија за градење – во скопскиот регион општина Центар со најмногу дозволи

Според податоците на Државниот завод за статистика, во октомври 2024 година се издадени 363 одобренија за градење, што е за 11.7 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
Во скопскиот регион издадени се вкупно 51 одобрение од кои 25 за физичко лице, а 26 за деловен субјект. Најмногу дозволи има издадено општина Центар, вкупно 10, од кои четири за физичко лице, а шест за деловен субјект.
Следува општина Илинден со девет дозволи, Аеродром со седум, по пет дозволи се доделени во општините Карпош и Сопиште.  Гази Баба,  Чаир и Чучер Сандево имаат доделено по три дозволи, Студеничани две, а Бутел, Ѓорче Петров, Петровец по една дозвола. Во општините Арачиново, Кисела Вода, Сарај и Шуто Оризари не е издадена ниту една дозвола за градење.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 8 469 616 илјади денари, што е за 12.3 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 216 (59.5%) се наменети за објекти од високоградба, 75 (20.7%) за објекти од нискоградба и 72 (19.8%) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 363 објекти, на 223 (61.4%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 140 (38.6 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 913 станови, со вкупна корисна површина од 81 247 м2.
Фото: Pixabay