Германскиот успех зависи од азискиот пазар

50

Извозниот успех на бројни германски претпријатија е незамислив без азиските земји. Но, вкупниот трговски биланс на Германија со тој регион е негативен. За соработка со Јапонија или Кореја има уште простор, пишува Seebiz.eu.

Без оглед на глобализацијата, германските претпријатија сеуште повеќето бизниси ги вршат со европските соседи. Околу 70% од германскиот увоз и извоз отпаѓа на Европа, помалку од 20% на Азија. Но, сепак, Азија е идниот пазар, вели директорот на Одборот на германската економија за Азија и Пацифик, Фридолин Штрак.

“Азија е важна затоа што последните години се забележува раст, предводен од Кина. Германските клучни индустриски гранки се повеќе свои производи продаваат во Азија. Кина, на пример, за германската градежно – инженерска индустрија и изработката на комплетни погони е пазар број еден”, вели Штрак.

Кина е единствената азиска земја која лани влегла меѓу десетте германски најважни трговски партнери. Гледајќи го вкупниот извоз и увоз, Кина била на трето место, Јапонија на 14, Јужна Кореја на 21, а Индија на 24 место.

Вкупната економија во Азија бележи побрз раст од Европа. Значи, прашање на време е кога на пописот на најважните земји за Германија ќе има повеќе азиски земји. Во хемисклата индустрија тоа веќе се случи. Половина од прометот отпаѓа на Азија, само една четвртина на Европа. Азиските компании многу брзо ќе ја престигнат европската конкуренција.

До тој заклучок дојде студијата на консултантската компанија A.T. Kearney. Според неа, во 2030 година две третини од сите бизниси во хемиската индустрија ќе се одвиваат во Азија, а секој втор голем хемиски концерн ќе биде азиски. За германската и европската хемиска индустрија тоа ќе има последици.

“Од една страна се повеќе работи од набавка и развој се префрлуваат во Азија. Тука е важно да се задржи топката и во Азија да се изградат капацитети за продажба и развој”, вели Ото Шулц, партнер во A.T. Kearney и еден од авторите на студијата.