Цените на нафтата стабилни

Цените на нафтата беа речиси непроменети од претходното тргување во средата, бидејќи пазарите го оценуваа влијанието на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за одлуките за енергетската криза.

Фјучерсите на суровата нафта „брент“ пораснаа за девет центи, достигнувајќи 79,38 долари (73,12 евра) за барел, додека фјучерсите на американската „Вест Тексас интермедијт“ (WTI) поскапеа за цент, на 75,84 долари (69,86 евра).

Договорите се затворија пониско во вторникот, откако Трамп го претстави сеопфатниот план за максимизирање на производството на нафта и гас, вклучително и прогласување национална енергетска криза за да се забрза издавањето дозволи, да се намали заштитата на животната средина и да се повлечат САД од Парискиот климатски договор.

„Учесниците на пазарот се обидуваат да ги разберат мешаните сигнали што Трамп 2.0 ги носи на движењата на цената на нафтата. „Краткорочниот фокус ќе биде на тоа дали ќе се реализира неговата намера да ги надополни стратешките резерви на САД“, изјави за Ројтерс Јеап Џун Ронг, пазарен стратег во ИГ. Тој истакна и дека вниманието е насочено кон претстојните царински политики.

Најновата енергетска политика на Трамп веројатно нема да поттикне краткорочни инвестиции или да го промени растот на производството на нафта во САД, пишуваат аналитичарите на Морган Стенли во белешката, додавајќи дека таа може скромно да го ублажи потенцијалниот пад на побарувачката за рафинирани производи.

Аналитичарите, исто така, се сомневаа дали ветувањето на Трамп за надополнување на стратешките резерви ќе влијае на побарувачката на нафта, бидејќи администрацијата на Бајден веќе купуваше нафта за итни резерви. Американскиот претседател, исто така, додаде дека неговата администрација „веројатно“ ќе престане да купува нафта од Венецуела, еден од најголемите добавувачи на нафта во САД.

Инвеститорите останаа претпазливи бидејќи, како што оценија, трговската политика на Трамп останува нејасна, наведува Ројтерс. Во меѓувреме, ретка зимска бура го погоди Заливскиот брег, додека голем дел од Соединетите држави останаа во опасен поларен студен бран.