
Инвестициската клима во Германија значително се влоши во јануари, со слаба економија и зголемена политичка неизвесност во пресрет на предвремените парламентарни избори и потезите на новиот американски кабинет, објави во вторникот институтот за економски истражувања ZEW.
Индексот на економската клима ZEW во јануари падна за 5,4 поени во однос на декември и изнесуваше 10,3 поени.
Новата година, пишува Хина, започна со значителен пад на индексот, а како можни причини, меѓу другото, се и неодамна објавените податоци за падот на БДП во 2024 година и зголемените инфлациски притисоци, изјави претседателот на ZEW, Ахим Вамбах.
Германскиот БДП минатата година се намали за 0,2 отсто, објави неодамна заводот за статистика. Пад е забележан и во 2023 година, за 0,3 отсто, покажуваат податоците на Дестатис. Инфлацијата во декември порасна на 2,6 отсто, од 2,2 отсто во претходниот месец.
Економијата продолжува да се задржува поради послабата потрошувачка на домаќинствата и намалената побарувачка во градежниот сектор, а доколку овие трендови продолжат оваа година, Германија уште повеќе ќе заостанува зад другите земји од еврозоната, предупреди шефот на институтот.
На ова се додава и политичката неизвесност поради потенцијално тешкиот процес на формирање владејачка коалиција по парламентарните избори во февруари и нејасната американска економска политика под диригентската палка на Доналд Трамп, додаде Вамбах.











