Европската унија размислува за постепена забрана за увоз на алуминиум од Русија

Европската унија размислува за постепена забрана за увоз на алуминиум од Русија како дел од новиот пакет санкции против земјата.

Новиот пакет санкции ќе им овозможи на европските купувачи да увезат 275.000 тони руски алуминиум, распределени според квотите за земјите-членки, во текот на следната година, пред да стапи на сила целосната забрана за увоз, се вели во документот што го виде Блумберг.

ЕУ увезла околу 320.000 тони необработен алуминиум од Русија во првите 11 месеци од 2024 година, што претставува шест отсто од вкупниот европски увоз на овој метал, според податоците на ОН Комтрејд, пренесува Танјуг.

Дополнително, Европската унија би можела да исклучи уште 15 руски банки од меѓународниот платен систем SWIFT како дел од 16-тиот пакет санкции, а се планира да се воведат и мерки против повеќе од 70 танкери „флота во сенка“ кои превезуваат руска нафта. – додаде њујоршката агенција повикувајќи се на анонимни извори.

Плановите ќе бараат поддршка од сите земји-членки и би можеле да се променат пред да бидат официјално предложени до владите на ЕУ, велат изворите.

Некои земји од Европската унија досега се спротивставија на забраната за увоз на руски алуминиум, наведувајќи дека нема да можат целосно да заменат некои производи, а не е сигурно дека Унгарија ќе го прифати новиот предлог, додаваат изворите.