Шефчовиќ: Царините на САД ќе ја подгреат инфлацијата, ќе ги заштитиме европските интереси

Со воведување царини, САД ќе ги оданочуваат своите граѓани, ќе ги зголемат сопствените деловни трошоци и ќе ја поттикнат инфлацијата, најави денеска во Европскиот парламент европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ, додавајќи дека Европската унија е подготвена да ги заштити своите интереси.

Шефчовиќ рече дека Европската унија „длабоко жали“ за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум, како и за најавата дека Вашингтон ќе воведе дополнителни реципрочни царини оваа недела.

„Тарифите се даноци, тие се лоши за бизнисот, а уште полошо за потрошувачите“, изјави еврокомесарот.

Според него, тарифите не само што се штетни за директно инволвираните трговски партнери, туку можат да бидат и пореметувачки фактор за многу други земји, како и за глобалниот трговски систем во целина.

„Едноставно кажано, тоа е сценарио за губење“, додаде Шефчовиќ.

Еврокомесарот истакна дека ЕУ ќе ги заштити своите интереси од мерките што ги смета за неоправдани, во согласност со нејзините вредности.

„Во моментов го проценуваме обемот на мерките објавени преку ноќ и ќе одговориме со контрамерки на цврст и пропорционален начин“, рече тој.

Марош Шефчовиќ изјави дека Европската унија останува посветена на конструктивен дијалог со САД за да се изнајдат решенија кои би биле од корист за двете страни, објавено е на веб-страницата на Европската комисија.