![money-1048186_640](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2025/02/money-1048186_640.jpg)
Вложувањата во енергетиката се приоритет и од капитално значење. Денес и формално го означуваме почетокот на еден процес кој значи изградба на два енергетски суштински проекти во енергетскиот сектор, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Втора фаза од ветерниот парк Богданци, како и изградба на фотонапонската централа Битола 2.
За таа цел денес се случи потпишување на договор помеѓу АД ЕСМ и КфВ развојната банка наменет за изградба на двата нови капацитети за производство на обновлива енергија.
Инвестицијата е вредна 55 милиони евра од кои 47.3 милиони евра се за фотонапонската електрана Битола 2, додека ветерниот парк Богданци – Фаза 2, инвестицијата е 7,7 милиони евра.
Битола 2 ќе се гради во рамките на РЕК Битола и ќе има инсталиран капацитет од 50-60 MW. Се очекува оваа електроцентрала да произведува околу 80-90 GWh електрична енергија годишно, се разбира зависи тоа од сончевата радијација, што е доволно за отприлика 20 илјади домаќинства.
Повторувам, ќе се произведува електрична енергија за околу 20.000 домаќинства, со што ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно.
Со втората фаза од изградбата на ветерниот парк Богданци е предвидено изградба на дополнителни четири ветерни турбини, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за дополнителни 13,6 MW, а вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми на првиот дел од проектот и овој вториот дел вкупно ќе биде повеќе од 50 MW, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 GWh, зелена енергија, истакна Мицкоски.