
Бариерите што земјите од Европската унија ги поставуваат едни на други предизвикуваат многу поголема економска штета отколку што САД некогаш би можеле да направат со нивните царини, напиша поранешниот претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги во колумна за Фајненшл тајмс објавена во петокот.
Драги, кој беше на чело на ЕЦБ помеѓу 2011 и 2019 година, а потоа и премиер на Италија од 2021 до 2022 година, честопати во медиумските настапи повикува на поголема економска и финансиска интеграција на земјите-членки на ЕУ.
Во колумна во петокот, тој ја истакна неспособноста на Европската унија да ги реши проблемите со синџирот на снабдување поради нејзините високи внатрешни бариери и регулаторни пречки. „Тие се многу поштетни за економскиот раст од која било царина што САД би можеле да ја наметнат – а нивните штетни ефекти само се зголемуваат со текот на времето“, напиша Драги.
По преземањето на функцијата во јануари, новиот американски претседател Доналд Трамп воведе дополнителен данок на увоз од 10 отсто на кинески стоки, најави – потоа одложи – царина од 25 отсто за целиот увоз од Канада и Мексико и најави царина од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум. Тој коментира и дека Европа е следната цел.
Но, среде растечкиот притисок од преку Атлантикот, Драги ги наведе проценките на Меѓународниот монетарен фонд кои покажуваат дека внатрешните трговски бариери во Европа имаат ефект на наметнување царини од 45 отсто за производството и 110 отсто за услугите.
Ова е причината зошто, заклучува Драги, трговијата меѓу членките на ЕУ е помалку од половина од трговијата меѓу американските држави – и бидејќи услугите во Европа сочинуваат поголем дел од економската активност, ефектот од таквите бариери е сè посериозен.
Во исто време, сè повеќе се намалуваат трговските бариери со земјите надвор од ЕУ, што значи дека увозот станува се попривлечен за европските компании, а кога станува збор за инвестиции, тие претпочитаат да инвестираат во странство, а не на друго место во ЕУ.
Ова ја прави Европската унија сè позависна и чувствителна на трговијата со надворешни партнери – денес трговијата сочинува 55 отсто од БДП на целата еврозона, додека во 1999 година овој удел беше 31 отсто. За споредба, во тој период уделот на трговијата во кинеската економија се зголеми од 34 на 37 отсто, додека учеството на трговијата во американскиот БДП само благо, од 23 на 25 отсто.
Но, проблемите на европската економија не се само на страната на понудата, бидејќи европските влади толерираа послаба домашна побарувачка од финансиската криза во 2008 година, додаде Драги.
Според него, оваа неподготвеност да се стимулира домашната потрошувачка се гледа во неподготвеноста на европските влади да се задолжуваат и инвестираат повеќе отколку од буџетските приходи. Драги ја споредува ситуацијата со САД, каде што во периодот од 2009 до 2024 година владата втурнала околу 14 трилиони евра во домашната економија преку буџетскиот дефицит, додека во меѓувреме сумата во Европа била само околу 2,5 трилиони.
Откако минатата година детално го претстави својот план за заживување на европската економија, Драги денеска вели дека европските влади сè уште можат да направат пресврт, но само доколку суштински го сменат начинот на размислување и се оддалечат од своите тесни национални цели и акции.
„Сега е јасно дека таквото однесување не донесе придобивки за Европејците, ниту доведе до здрави јавни финансии, ниту уште посилна национална автономија, која сега е загрозена од притисоци од странство… Затоа е потребна радикална промена“, заклучува Драги.
Стравувањата од сè поверојатната трговска војна меѓу САД и Европа неодамна го привлекоа вниманието на слабиот раст на европската економија – но гласовите што укажуваат на тоа се слушаат веќе некое време. На пример, Германија – најголемата европска економија – е заглавена во економска криза и, според прогнозите, би можела да забележи трета година негативен раст во 2025 година. Француската економија, исто така, стагнира – и двете земји моментално минуваат низ политички превирања што би можеле да го забават поодлучниот одговор на економските случувања.










